Top Sport

Алонсо е „сосема поинаков возач“ во 2018?

Фернандо Алонсо е „сосема поинаков“ Формула 1 возач пред новата сезона, вели тркачкиот директор на тимот, Ерик Булие.

Мекларен оваа година се префрлија на моторите на Рено по три катастрофални сезони со Хонда, и Булие смета дека шпанскиот двократен светски шампион е „препороден“ по промената. Алонсо постигна само 82 поени во последните три сезони, а две петти места му беа најдобар пласман по враќањето во Мекларен.

„Нашите возачи, а посебно Фернандо, никогаш нема да пропуштат шанса да ни кажат каде грешиме. Но, видете го, ова е поинаков Фернандо оваа година. Тој е среќен. Се работи за човек со висока конкурентност и некој кој секогаш сака нешто повеќе“, вели Булие.

Зимското тестирање не помина најдобро за Мекларен, откако тимот имаше пет откажувања и со 599 кругови помина најмалку од сите 10 Ф1 тимови, но сега велат дека сите проблеми се решени и дека се чека стартот на сезоната овој викенд во Мелбурн.

„Ја немавме подготвеноста која ја очекувавме на зимското тестирање, но сите проблеми кои ги забележавме беа решени во фабриката. Зад тоа што го гледате има многу луѓе кои работат напорно секој час за да извлечат максимум од болидот“, додава Булие.

Фото: ЕПА

Scroll to Top