Top Sport

Алонсо не верува дека Хонда ќе направи „пресврт“

Фернандо Алонсо ги забележал импресивните перформанси на Хонда со тимот на Торо росо во текот на зимското тестирање, но предупредува дека тоа не е некој знак дека проблемите на јапонскиот гигант се надминати.

Мекларен и Хонда се разделија по три фрустрирачки години заедно во кои Алонсо не ги штедеше критиките кон Јапонците, но на двете недели тестирање во Барселона, моторот на Хонда функционираше совршено со јуниорскиот тим на Ред бул. Алонсо вели дека не е вистина дека раскинот дошол во погрешно време.

„Немам проблем со Хонда. Никогаш не сум имал таква намера, но ќе видиме каде ќе се во Австралија. Имаа добро зимско тестирање и ако се во топ 5, јас прв ќе им честитам. Но, не верувам дека е така. Еден тест не е исто како 21 трки со три мотори. Мислам дека ќе бидат на последните три-четири позиции, а ние во Мекларен ќе се обидеме да бидем во топ 5-6. Имаме подобрување од четири секунди во однос со минатата година со моторите на Рено“, вели Алонсо.

И покрај овој оптимизам, зимското тестирање не помина најдобро за Мекларен, по неколку откажувања на патеката, но Алонсо вели дека „повторното раѓање“ на Мекларен е започнато.

„Не гледам причина зошто би бил песимистички расположен. Мекларен е вториот најдобар тим во историјата, Рено е еден од најдобрите производители на мотори во спортот и се полни со амбиции. Зошто тоа не би успеало? Работите не се сменија и сакаме да бидеме што е можно поблиску до првите три тимови. Не можеме да скокнеме од деветтото место до првото, но можеме да бидеме блиску“, додава Алонсо.

Мекларенот не престанува да се расипува, но во тимот велат нема криза

Scroll to Top