Top Sport

Ферстапен: Марко ми е како втор татко

Макс Ферстапен во првото интервју во 2018 година посочи дека има едноставна цел – да биде најдобриот на светот, а откри и дека советникот на Ред бул, Хелмут Марко му е како втор татко.

„Секогаш мораш да имаш самодоверба, бидејќи ако немаш, подобро остани дома. Кога не веруваш во својот квалитет, тогаш си безвреден. Целта е да се биде најдобар на светот и да се покаже тоа на патеката“, вели Холанѓанецот во интервју со „Зиго спорт“.

Советникот на Ред бул, поранешниот возач Хелмут Марко беше клучниот човек во обезбедувањето на новиот договор на Ферстапен откако претходно му даде шанса да се покаже на големата сцена. Марко ја направи одлуката во средината на сезоната 2016 да го пресели Данил Квјат во Торо росо, и да му даде на тогаш 18-годишниот Ферстапен шанса да вози за главниот Ред бул тим. Ферстапен одговори со победа на првата трка за Ред бул во Шпанија.

„Во Барселона во 2016 кога победив првпат, Хелмут реши да ризикува и да ми даде шанса. Другите не беа убедени во тоа, но тој веруваше во мене. Хелмут ми е како втор татко и мислам дека и тој го дели мислењето. Секогаш го сака најдоброто за мене и гледа сè што се случува, не му бегаат детали. Кога ќе имам добра трка, тој е среќен, но кога ќе направам грешка е искрен и ми кажува дека тоа не е во ред“, вели Ферстапен, кој потпиша договор со Ред бул до крајот на 2020 година.

Ферстапен, синот на ексвозачот Јос Ферстапен, честопати беше споредувам со Аиртон Сена, но вели дека тоа не е фер.

„Не сакам да бидам споредувам со никого, поважен е да се биде свој човек. Во Формула 1 еден ден си херој, другиот можеш да бидеш идиот, така што треба да живееш за моментот“, додава Ферстапен.

Scroll to Top