Top Sport

Лауда: Мерцедес никогаш не му понуди договор на Ферстапен

Не-извршниот директор на Мерцедес, Ники Лауда и советникот на Ред бул, Хелмут Марко беа гости на австриската „Сервус ТВ“, каде што поведоа интересна дискусија околу новиот договор на холандската суперѕвезда Макс Ферстапен.

20-годишниот Ферстапен потпиша продолжување на договорот со австрискиот тим до крајот на 2020 година, откако постоеја шпекулации дека Мерцедес и Ферари сакаат да го „грабнат“ што е можно побргу.

„Ние никогаш не му понудивме договор. Да разговаравме претходно, ќе заштедевте некое евро“, му кажа Лауда на Марко.

Медиумите тврдат дека Холанѓанецот се доближил со платите на најдоброплатените возачи на светот Луис Хамилтон и Себастијан Фетел. Се верува дека Хамилтон има договор од 20 милиони фунти како основна плата со бонуси кои стигнуваат до над 30 милиони фунти, а слична сума директно добива и Фетел од Ферари.

Марко вели дека парите не биле единствен фактор во одлуката за Ферстапен, туку шансата да расне како возач и да стане шампион.

„Му ги покажавме нашите планови за иднината и му гарантиравме дека нашите најдобри луѓе се обврзани на проектот барем до 2020 и дека имаме алтернативи за снабдување со мотори. Тоа не е тајна. И накрајот го убедивме. Да, тој доби зголемување на платата, но таа е разумна. Далеку е од сумите кои ги добиваат Хамилтон или Фетел. Кога ќе освои титули, ќе стигне дотаму“, вели Марко.

Scroll to Top