Поранешниот Ф1 возач, Фелипе Маса вели дека неговиот тим Вилијамс е на „финансиска патека“ при одлучувањето на возачите за 2018 година, уште една најава дека Сергеј Сироткин ќе биде избран пред Роберт Кубица.

Маса се повлече од спортот (по вторпат) на крајот на 2017 година, оставајќи празно место во Вилијамс покрај тинејџерот Ленс Строл. До минатата недела изгледаше дека Полјакот Кубица ќе направи неверојатен кам-бек во спортот, но шпанските и британските медиуми тврдеа дека Вилијамс ќе се предомисли и ќе го ангажира рускиот Ф2 возач, Сергеј Сироткин, најмногу поради неговите 15 милиони евра во спонзорски пари.

„Вилијамс е на финансиска патека, така што не ме изненадува одлуката. Не знам што ќе се случи бидејќи веќе не ги следам случките во тимот, но од тоа што го знам одлуката е таква“, вели Маса.

Бразилецот беше поврзуван со трансфер во серијата на електрични болиди Формула Е, но вели дека преговорите за тоа се во почетна фаза.

„Разговарав со повеќе луѓе, но сè тоа останува во ранитеа фази. Немам што да најавам. Единствено што ми недостасуваше во кариерата беше светска титула и бев многу блиску до неа. Остварив повеќе од што очекував во мојата кариера“, вели 36-годишниот Маса, кој имаше 269 ГП настапи во кариерата и 11 победи.

Сироткин носи 15 милиони долари – Кубица го губи местото во Вилијамс?