Top Sport

Неврохирургот Шиф: Квалитетот на животот на Шумахер нема да се подобри

По нешто повеќе од четири години од падот на скијање и повредата на мозокот, има премалку информации околу вистинската состојба на Михаел Шумахер, откако неговото семејство реши да ја држи јавноста на дистанца.

Тој замина од клиниката во Гренобл во септември 2014 за да биде преместен во неговиот дом во Швајцарија, и оттогаш нема никакви детали. Познатиот британски неврохирург Колин Шиф, кој никогаш не го третирал Шумахер, вели дека долгорочната прогноза не носи ништо добро за него.

„Според податоците кои се достапни, јасно е дека тој доби постојано и големо оштетување на мозокот. Поради тоа, мозокот не функционира нормално, а како што поминува времето, толку се помали шансите за некакво подобрување. Речиси сигурно е дека нема да се смени ситуацијата. Сигурен сум дека има доволна нега и добра околина за опоравување, но сметајте дека тој треба да биде хранет преку туби, да биде поставуван во седечка позиција и да се движи да не дојде до атрофија на мускулите“, вели Шиф.

Тој вели дека не е реално да се очекува целосно опоравување.

„Тој е долго време во ваква состојба, сигурно има загубено голем дел од мускулната маса, а дури и да ги отворил очите и да почнал да зборува, сигурно има влијание на меморијата, на однесувањето, на когнитивните функции. Тоа не би била истата личност. Делумно опоравување е можно, но тоа не значи дека тој ќе почне да функционира како нормална личност. Семејството Шумахер има финансиски средства да му ги дадат сите потребни работи за опоравување, но подолгиот живот не значи квалитативна промена“, додава Шиф.

Фото: ЕПА

Scroll to Top