Top Sport

Педроса најбрз, Лоренцо и Роси „супер-задоволни“ (видео)

Асот на Репсол Хонда, Дани Педроса постави најдобро време на првиот ден на официјалното тестирање во Мото ГП во Сепанг, Малезија, откако во финишот на сесијата постави време од 1:59.427, со што беше за три и пол десетинки подобар од Андреа Довициозо во Дукати.

Тестот почна на влажна патека, и во првите часови возачите имаа лимитирано време на патеката, пред да почне вистинската борба за вистинско време.

Хорхе Лоренцо беше трет најбрз за Дукати со 0.375 секунди послабо време, пред Данило Петручи и Џек Милер во Прамак Дукати. Валентино Роси беше шести најбрз со фабричката Јамаха пред шампионот Марк Маркез во Хонда. Топ 10 ги комплетираа Жоан Зарко, Кал Крачлоу и Пол Еспархаро.

Лоренцо беше презадоволен од новиот Дукати Десмоседичи ГП18 мотоцикл, велејќи дека конечно тоа е мотоцикл кој одговара на неговиот возачки стил.

„Новиот мотоцикл изгледа многу побрз од претходниот и тоа е позитивна работа. Обично, потребно е време да се адаптирам на нова машина, но овојпат од почетокот сè беше на своето место. Најдоброто е тоа што мотоциклот добро одговара на мојот нормален стил“, вели Лоренцо.

Задоволен беше и ветеранот Валентино Роси, кој посочи дека во првиот ден тестирање завршил повеќе работа од целото зимско тестирање во 2017 година.

„Овојпат постојано бевме конкурентни за разлика од лани. Лани немавме ниту еден ваков ден. Шасијата е нова, така што очекуваме уште поголема брзина“, изјави Роси.

Scroll to Top