Top Sport

Вилијамс одлучи – Сироткин партнер на Строл, Кубица резерва

Рускиот дебитант Сергеј Сироткин ќе му се приклучи на Канаѓанецот Ленс Строл во тимот на Вилијамс, откако младиот Русин беше избран пред полскиот ветеран Роберт Кубица, кој добива улога во тимот како резервен возач.

22-годишниот Сироткин ќе биде партнер на 19-годишниот Строл во најмладиот возачки состав во Формула 1 оваа година. Тој го пополнува местото на бразилскиот ветеран Фелипе Маса, кој се повлече по вторпат на крајот на минатата сезона.

Сироткин покрај талентот со себе носи и финансиска поддршка од рускиот милијардер Борис Ротенберг, чиј брат Аркадиј е поранешен џудо спаринг-партнер на Владимир Путин. Сироткин во 2015 година беше третопласиран во ГП2 серијата, а во 2016 година го повтори успехот.

„Среќен сум и горд што се приклучувам на толку славен тим како Вилијамс. Беше потребна напорна работа да се стигне тука и благодарам на сите кои беа вклучени во тоа. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата“, изјави Сироткин.

33-годишниот Кубица беше сметан за фаворит за местото, со што ќе се комплетираше неверојатниот кам-бек по сериозната повреда на раката добиена при рели инцидент во Италија во 2011 година, но наместо тоа тој добива улога на тест-возач.

„Мислам дека сум во најдобра физичка форма во мојата кариера, но беше потребно многу работа да дојдам до овој степен и благодарам на Вилијамс за довербата која ја имаа. Главната цел е повторно да се тркам во Формула 1 и сметам дека ова е чекор напред“, вели Кубица.

Scroll to Top