Top Sport

Арсенал руши рекорди со „Емирати“

Авио компанијата „Емирати“, реши да го продолжи договорот со премиерлигашот Арсенал, во договор вреден 200 милиони фунти, со што „топчиите“ ќе можат да донесат засилувања во следните неколку сезони.

„Емирати“ ќе се појавуваат на дресовите на Арсенал барем уште пет години, и се верува дека ова е вториот најголем договор во Премиер лигата по тој на Манчестер јунајтед со „Шевролет“ вреден 47 милиони фунти по сезона.

Новиот договор започнува во 2019/20, а се верува дека Арсен Венгер или можеби следниот тренер на Арсенал, доколку Французинот замине по крајот на договорот во 2019, ќе имаат дополнителни 20 милиони фунти во буџетот.

Ова е најдолгорочна соработка на две компании во Премиер лигата, и доаѓа со раст од 25 отсто во трошоците, а сега се верува дека Арсенал преговара со „Адидас“ за нов договор, иако и сегашните снабдувачи „Пума“ се заинтересирани за голема нова понуда.

Стадионот на Арсенал исто така го носи името „Емирати“, така што партнерството меѓу двете страни станува само поцврсто.

„’Емирати’ уште еднаш покажаа дека имаат огромна доверба во нашиот приод и нашите амбиции и нивното зголемување на инвестициите ќе донесат повеќе титули и повеќе фанови“, вели извршниот директор на Арсенал, Иван Газидис.

Scroll to Top