Top Sport

Евербе жали за мечот Челси-Барса, но „грешки се случуваат“

Барселона и Челси повторно ќе се судрат во Лигата на шампионите следната недела, девет години по неславното полуфинале од 2009 година, кога според многу фанови сметаа дека норвешкиот судија Том Хенинг Евербе ги „украде“

Барселона на „Стемфорд бриџ“ влезе во финалето со голот на Андрес Иниеста во 93. минута (по 0:0 во Каталонија), а „сините“, тогаш предводени од Гус Хидинк тврдеа дека заслужуваат неколку пенали. Барселона потоа го совлада Манчестер јунајтед во финалето.

Евербе, девет години подоцна, во интервју со шпанскиот весник „Марка“ признава дека мечот бил тежок за судење.

„Воопшто не сум горд на тој натпревар. Тоа не беше мојот најдобар ден, но такви грешки се случуваат на сите. Понекогаш грешат и фудбалерите и тренерите, но јас не можам да бидам најгорд“, вели Евербе.

Сепак, тој не дава директен одговор на тоа дали Челси заслужија пенал.

„Имаше неколку грешки и секој треба да си го каже своето мислење. Но, инсистирам, грешки се случуваат. По мечот не разговарав со никого и си заминав од теренот достоинствено. Знам дека имаше многу непријателски расположени луѓе пред хотелот. Тогаш добивав и закани по смрт, но по 2012 темата исчезна. Сега, некои ќе се потсетат на мене, но немам проблем со тоа. Живеам во Осло и ги прифатив своите грешки“, додава Евербе.

Scroll to Top