Top Sport

Ѓорѓиоски до делегатите на ФФМ: Бидете горди на оствареното

Фудбалската федерација на Македонија денеска го одржа редовното генерално Собрание за 2018 година. На Собранието, без дебата „брзопотезно“ е усвоен финансискиот извештај и завршната сметка за 2017 година, извештајот од претседателот и од Управниот одбор на ФФМ, извештајот од Надзорниот одбор, извештајот од независниот ревизор и буџетот за 2018 година.

Во своето обраќање претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски истакна задоволство од резултатите постигнати минатата година и уверување дека во тој правец ќе се продолжи за понатамошен развој на македонскиот фудбал.

„Оваа федерација потврди дека може…Погледот на годината што ја испративме секогаш во нашиот фудбалски живот ќе предизвикува задоволство и гордост. Лани од ова место Ве повикав да се избориме да продолжи политиката и стратегијата на Фудбалската федерација на Македонија, а тоа значеше целосен фокус на реконструкција на стадионите, вложување во младинскиот фудбал, подобри резултати на сите национални репрезентации, почитување на Националната стратегија, овозможување на сите потребни услови за подготовка на репрезентациите. Бидете горди на оствареното. Можеме да тропнеме и да ја отвориме секоја врата. Од УЕФА и ФИФА, клубовите, тренерите и фудбалерите до корпоративниот сектор. Помагаме и ќе продолжиме тоа да го правиме најбитно е дека фудбалското семејство е задоволно. Сите ние, федерацијата, клубовите, општинските сојузи, медиумите…сите делиме заслуги за подобрување на атмосферата, условите и амбиентот на нашето фудбалско секојдневие“, рече меѓудругото во својот говор пред делегатите претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски.

Првиот човек на ФФМ за во иднина најави дека во иднина Федерацијата финансиски и логистички ќе се погрижи репрезентативни стадиони да добијат Битола, Тетово, Прилеп, Велес, Штип.

Како вистински пример тој го посочи стадионот „Младост“ во Струмица, кој за помалку од 60 дена бил подготвен за меѓународни натпревари. Во реализицијата на реализацијата на проектот во Струмица Ѓорѓиоски ја истакна добрата соработка со државата, односно со Агенцијата за млади и спорт.

„Додека јас сум претседател на оваа федерација, чесноста и отвореноста ќе бидат особини кои не красат. Да, ние секогаш прифаќаме конструктивна критика, прифаќаме идеи и предлози и оваа Федерација секогаш ќе ги отвора вратите за сите кои сметаат дека можат да помогнат. На крајот повторно ќе кажам, оваа федерација потврди дека искрено и мотивирано се бореше за реформа во македонскиот фудбал, отворено и чесно. И постигнавме најдобри резултати во историјата на македонскиот фудбал. Тој е нашиот правец и во иднина“, рече Ѓорѓиоски пред присутните на Собранието.

Највисокото тело на Федерацијата го усвои предлогот за вонредно ублажување на изречените казни на фудбалерите кои играа за Металург Виктор Анфглов, Стефан Јефтовски, Филип Ристовски и Дејан Додевски, претседател на КМФ Биџо.

Генералното изборно Собрание на ФФМ го следеа високите претставници на УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на Национални асоцијации на УЕФА и Давор Шукер, ллен на Извршниот комитет на УЕФА.

фото/ffm.mk

Scroll to Top