Top Sport

ЛШ: Тотенхем херојски во Торино, Сити се прошета во Швајцарија (видео)

Тотенхем не дозволи да биде шокиран од раното водство од 2:0 на Јувентус, за да се избори за 2:2 реми на гостувањето во Торино, додека англискиот лидер Манчестер сити уште по првиот натпревар е практично во четврт-финалето по убедливите 4:0 против Базел.

Гонзало Игуаин по само 72 секунди игра ја смести топката зад грбот на Уго Љорис, откако по „лажен“ слободен удар на Пјаниќ, најдобро се снајде во шестнаесетникот. Во деветтата минута беше 2:0, откако беше досуден пенал по фаулот во шестнасетникот, а Игуаин од белата точка најави голема победа за „бјанконерите“.

Меѓутоа, Тотенхем не се предаде, имаше повеќе од поседот на топката и од шансите, што резултираше во намалување на 2:1 преку Хери Кејн по одличното додавање од Деле Али. Јуве имаше шанси да ја врати предноста од два гола, кога беше досуден уште еден пенал, но Игуаин овојпат ја погоди само пречката.

Во второто полувреме продолжи иницијативата на Тотенхем, иако и Јувентус имаше свои шанси, а гостите од Лондон во 72. минута стигнаа до израмнување, откако Кристијан Ериксен со умен слободен удар го совлада Буфон.

Сè ова ветува уште еден интересен и возбудлив дуел на „Вембли“ следната недела, кога и двата тима нема да можат да калкулираат.

На вториот вечерашен меч, немаше воопшто неивесност како во Торино – Манчестер сити стигна до убедлива 0:4 победа над швајцарскиот шампион Базел за уште по првиот меч со една нога да е во четврт-финалето.

Формата од Премиер лигата, тимот на Пеп Гвардиола ја пренесе и во Лигата на шампионите откако во „блиц“ дваесетина минути ги урна сите надежи на Базел за сензација.

Во 14. минута од мечот, Илкај Гундоган имаше одлична реакција по корнерот на Кевин де Бројне за водство, а само четири минути подоцна Бруно Силва со интересен удар го зголеми водството. Веќе во 23. минута беше 3:0, откако Серхио Агуеро од дваесетина метри ја продолжи својата голгетерска серија.

Во второто полувреме, доволен беше само вториот гол на Гундоган, овојпат со фантастичен удар од далечина ги постави конечните 0:4 за безгрижен реванш во Манчестер.

Scroll to Top