Top Sport

Милинковиќ-Савиќ: Не си одам од Лацио

Италијанските и англиските медиуми пишуваат дека не постои клуб во Европа кој во своите редови не го посакува 22-годишниот фудбалер на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ.

Синоќа, во Бергамо, каде што Лацио ѝ гостуваше на Аталанта во рамките на 17. коло во Серија А, свои скаути да ја следат играта на Милинковиќ-Савиќ или Сергеј, како што му пишува на дресот, имале Челси, Барселона, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид…

Италијанските клубови немале свои емисари, но тие ги знаат квалитетите на еден од најдобрите фудбалери на Лацио. Јувентус во летниот преоден рок нудеше помеѓу 50 и 70 милиони евра за неговите услуги.

Според добро упатените, во овој момент Сергеј вреди најмалку 100 милиони евра.

Скаутите што беа на стадионот „Азури Диталија“ имаа што да видат, Сергеј постигна два гола за Лацио во спектакуларното реми 3:3.

И покрај големиот интерес, Милинковиќ-Савиќ порачува дека нема намера да го напушти Лацио.

„Не ме интересира кој ме гледал, јас не одам никаде. Одлично ми е во Лацио и воопшто не размислувам за заминување“, рекол Сергеј по натпреварот.

Сезонава српскиот репрезентативец во сите натпреварувања има учинок од седум гола и три асистенции.

Сергеј е роден во Леида, Шпанија, кариерата ја започнал во Војводина, а во јуни 2014 година се сели во Генк. Наредната сезона Лацио плати 20 милиони евра за неговите услуги.

Беше главен играч на српската репрезентација до 19 години, која стана европски првак, односно на репрезентацијата до 20 години, која ја освои светската титула.

Scroll to Top