Top Sport

Претседателот на УЕФА в четврток доаѓа во Скопје

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, по повод официјалното отворање на сместувачкиот капацитет во рамки на тренинг центарот „Петар Милошевски“, в четврток ќе престојува во Скопје. Првиот човек на македонскиот фудбал, Илчо Ѓорѓиоски, ќе му биде домаќин на Чеферин.

Објектот во склоп на комплексот „Куќа на фудбалот“ во себе содржи сместувачки капацитет за учениците од ФФМ/УЕФА елитната академија, како и за младите национални тимови.

Целосно се опремени за живеење 30 двокреветни соби, апартмани за селекторите и стручните тимови, како и заеднички простории, сала за состаноци, училници и заедничка кујна и трпезарија.

Сместувачкиот капацитет е наменет за престој на учениците од фудбалската академија во текот на училишната година, а по потреба ќе се користи и за младинските национални тимови во пресрет на натпреварите.

Во своето соопштение ФФМ вели дека „со отворањето на објектот се потврдува дека ФФМ работи согласно нејзината визија: ’ Фудбалот на прво место, создаваме можности’.
Една од главните заложби на Фудбалската федерација на Македонија е да ја препознае и да го направи многу подобар „фудбалскиот живот“ на младите.“

„Нашата визија е да ја претставиме Академијата како водечка институција од тој вид во Македонија, основана по примерот на многу европски школи, со единствена желба своите ученици да ги подготви за времето кое доаѓа, како школа за иднина“, стои во дел од соопштението на ФФМ во кое се информира за посетата на претседателот на УЕФА.

Scroll to Top