Top Sport

Сосиедад „настрада“ од расположениот Реал (видео)

Реал Мадрид со 5:2 го „демонтираше“ тимот на Реал Сосиедад и прати порака до Пари Сен-Жермен пред дуелот од Лигата на шампионите во среда дека кризата во која беа „Лос бланкос“ е минато и е вратена желбата за победи и доминација.

Кристијано Роналдо постигна хет-трик, а голови додадоа Тони Крос и Лукас за импресивно напаѓачко шоу на „Сантијаго Бернабеу“ и за кревање на моралот на составот на Зинедин Зидан.

Уште во 46-тата секунда португалскиот ас покажа дека е расположен за игра, откако одлично го најде Лукас, кој со глава ја смести топката во голот на Рулји. Во 27. минута, Роналдо беше „мета“ на одлично додавање на Марсело за 2:0. Во 34. минута, Тони Крос постигна прекрасен гол од работ на шестнаесетникот, а само три минути подоцна беше 4:0 откако Роналдо беше највисок по еден корнер.

Второто полувреме беше „помирно“ до 74. минута, кога Сосиедад намали на 4:1 преку Жон, но Роналдо во 80-тата минута го комплетираше хет-трикот, пред Илјараменди во 82. минута да го постави конечниот резултат.

Со трите поени Реал се искачи на третото место во Ла лига, со огромни 10 поени зад Атлетико Мадрид на второто место и гигантски 16 зад лидерот Барселона.

Scroll to Top