Top Sport

Џошуа: Мечот со Паркер веќе во март или април

ВБА и ИБФ шампионот во тешка категорија, Ентони Џошуа очекува меч со носителот на ВБО појасот, Новозеланѓанецот Џозеф Паркер веќе во март или април, за да може да се планира и друг меч до крајот на годината.

Тимот на Британецот преговара со Паркер за распределбата на средствата, бидејќи тој бара 35 отсто од приходот, за разлика од ВБЦ шампионот, Американецот Дионтеј Вајлдер, кој најави дека ќе се согласи само на „50-50 поделба“.

„Џозеф Паркер е реалистичен во однос на тоа каде ќе боксува и против кого. Ова е меч кој потенцијално може да биде направен во првиот дел од годината“, вели 28-годишниот Џошуа.

„Принсипалити“ стадионот во Кардиф останува главен кандидат за локација, бидејќи таму ќе има многу повеќе простор од 20-те илјади седишта на „О2 арената“ во Лондон. Џошуа ја бранеше титулата во Кардиф во октомври, кога го нокаутираше Карлос Такам во 10 рунди.

Доколку се случи ова, следен противник би требало да биде Вајлдер, по што е можно еден човек да биде шампион во тешка категорија.

„Дефинитивно морам да дојдам до нов појас. Има пет големи појаси, ги имам трите“, додава Џошуа.

Scroll to Top