Top Sport

Фјури: Немам пари, земам социјална помош!

Поранешниот светски шампион во тешка категорија, „Џипси Кинг“ Тајсон Фјури вели дека зема социјална помош, откако го потроши богатството кое го заработи за победата над Владимир Кличко во 2015 година.

Фјури најави дека ќе се врати во рингот оваа година откако му беше вратена боксерската лиценца, но очигледно тие 4 милиони фунти кои ги заработи за победата над Кличко во Диселдорф веќе се потрошени.

„Да бидам искрен, јас сум шворц. Немам пари во банка, земам социјална помош! Не се зезам тоа е вистината. Сериозно, не заработив ништо од боксот, но не ме жалете, тоа не е толку лошо. На мојот промотерски тим му дадов половина пари, а другата половина ја донирав на добротворни организации бидејќи не мислам дека треба да заработуваш пари од удирање на други луѓе. Јас боксувам бидејќи го сакам тоа. Ќе продолжам додека имам 50 години. Парите нема да ги однесам во гроб“, вели Фјури.

Во Велика Британија не можеш да бараш социјална помош, доколку ти или твојот партнер имаш повеќе од 16.000 фунти во банка.

„Последен пат кога бев во Глазгов го гледав мечот на Били Џо Саундерс во 2016, завршив една работа за пријател и добив 10.000 фунти. Отидов во центарот на Глазгов и ги дадов на бездомниците и им кажав ’Запомнете го името Тајсон Фјури’. Верувам дека тоа што го даваш ќе ти се врати. Алчниот човек нема да влезе во небесното царство“, вели Фјури, кој се гордее со својата христијанска вера.

Scroll to Top