Top Sport

Мо Фара е најдобриот британски спортист според „Би-би-си“

Четирикратниот олимписки шампион, Сер Мохамед Фара е именуван за спортист на годината според „Би-би-си“, освојувајќи ја првпат наградата пред Супербајк шампионот, Џонатан Реј.

34-годишниот Фара имаше блескава последна сезона на тартанот, освојувајќи трета последователна светска титула на 10.000 метри на СП во Лондон, по што додаде и сребро на 5.000 метри. Тој ја заврши кариерата на тартан со победа на 5.000 метри на митингот од Дијамантската лига во Цирих, и сега ќе се фокусира на маратонските трки.

„Неверојатно. Навистина мислев дека немам шанси да ја добијам оваа награда бидејќи конкуренцијата беше толку силна. Но, сè може да се случи ако работиш напорно и ги следиш своите соништа“, изјави  Фара.

Фара собра 83.524 гласа пред трикратниот мотоциклистички шампион Реј со 80.567, додека трет беше Т44 спринтерот Џони Пикок со 73.429 гласа. Светскиот шампион во тешка категорија не беше меѓу најдобрите три бидејќи имаше само 11 гласа помалку од Пикок.

Седмобојката Џесика Енис-Хил доби награда за животно дело, додека Роџер Федерер по рекорден четврти пат беше прогласен за најдобар странски спортист. Тренери на годината се Бенке Блокмвист, Стивен Мегвајр и Кристијан Малколм, триото кое ја подготвуваше шампионската британска штафета 4х100 метри. Женската крикет репрезентација на Англија, која го освои Светскиот куп, е најдобар тим за 2017.

Scroll to Top