Осумкратниот европски шампион во ватерполо, Про Реко од Џенова покажа многу малку класа, откако му даде отказ на официјално најдобриот ватерполист на светот, Хрватот Сандро Сукно бидејќи му беа откриени проблеми со срцето.

Сукно дозна за болеста во октомври и предвреме стави крај на сезоната, но Про Реко без милост му даде отказ на 27-годишниот ватерполист од Дубровник.

„Потегот на Про Реко е нечовечен. Тоа ќе им оди на душа“, изјави хрватскиот селектор, Ивица Туцак.

Од Хрватскиот ватерполо сојуз објавија дека ќе се обидат да му помогнат на Сукно, со кој Хрватска стигна до олимпиското злато во Лондон во 2012 година.

„Нека овој случај биде порака до нашите играчи. Подобро за помалку пари да останат во некој наш клуб кој те третира како човек, а не како алатка“, вели директорот на хрватскиот сојуз, Перица Букиќ.

Про Реко има рекордни осум европски титули, еднa повеќе од Партизан од Белград и Младост од Загреб.