Top Sport

Никој како Роџер – на првото место првпат по пет години!

Роџер Федерер се врати од сет негатива за победа во три сета од 4:6/6:1/6:1 над Робин Хасе за да обезбеди од понеделник да се врати на првото место на АТП листата, првпат по повеќе од пет години, заменувајќи го вечниот ривал Рафаел Надал.

Со пласманот во полуфиналето на турнирот во Ротердам, 36-годишниот Швајцарец го заменува Андре Агаси како најстар број 1 во историјата на АТП листата, откако Американецот беше број 1 на 33 години во септември 2003 година.

Тој почна лошо против Хасе, губејќи го првиот сет, но од вториот сет, доминираше против Холанѓанецот за да ги собере сите аплаузи во Ротердам, каде што тој во последен момент реши да настапи.

„Благодарам за церемонијата, и на фановите, кои дојдоа во голем број. Ова прво место е можеби најголемото остварување бидејќи имам речиси 37 години. Се заблагодарувам на сите кои ми помогнаа, на моето семејство, на мојата сопруга и на моите деца“, изјави Федерер по мечот во интервјуто со легендата на холандскиот тенис, Рихард Крајичек.

Големината на Федерер се покажа и во мечот, кога Швајцарецот сам одлучи дека една топка е во аут, иако никој од линиските судии не го направи тоа.

Пред настапот во Ротердам, беше покажана и финансиската моќ на освојувачот на рекордни 20 гренд слем титули, откако германскиот гигант Мерцедес-Бенц , го продолжи договорот со Швајцарецот, гарантирајќи му околу 5 милиони долари годишно. Мерцедес му е спонзор на Федерер од 2008 година.

Scroll to Top