Top Sport

Скијачката убавица Манкусо се пензионираше како суперхерој (видео)

Поранешната олимписка шампионка во алпско скијање, Џулија Манкусо ќе биде во Пјеонгчанг следниот месец, но само како ТВ-репортер, откако се пензионираше откако не успеа по петти пат да се квалификува на една Олимпијада.

Најуспешната американска скијачка со 9 медали (4 од Олимпијадите и 5 од Светските првенства), во текот на кариерата се мачеше со болки во колкот, и формално се пензионираше во петокот во Кортина Д’Ампецо. Манкусо претходно се врати на скиите во декември по две сезони пауза и во три трки имаше најдобар пласман на 42. место.

„Ова беше епска битка со повредите, и во последните три  години дадов сè да се вратам и да одам на Олимпијада. Но, за жал немам прогрес, ама останувам горда што се борев до крај“, изјави 33-годишната Манкусо, која сега ќе работи како коментатор на „Ен-би-си“.

Манкусо дебитираше на Светскиот куп на 15 години во 1999 година, а прикладно заминува во пензија на пистата каде што го оствари првиот подиум со второ место во супер-џи трка во јануари 2006 година. Еден месец подоцна во Торино таа освои злато на ОИ во велеслалом. Во Ванкувер во 2010 година, таа освои сребро во спустот и во комбинацијата, а во Сочи во 2014 додаде бронза во комбинацијата.

Манкусо, која е родена со дисплазија на колкот, невообичаен раст на коските, беше на операции во 2006 и 2015 година.

Прикладно, таа се повлече по последната трка со костум на „Wonder woman“, по што на целта беше пречекана од сонародничката Линдзи Вон.

Scroll to Top