Top Sport

ЗОИ Пјонгчанг: Канаѓаните со злато, бронза за згодната Русинка

Канада стигна до третото злато на Зимската олимпијада во Пјонгчанг, откако со 10:3 ја победија Швајцарија во првото натпреварување во мешани двојки на големата сцена.

Кејтлин Лоувс и Џон Морис ги совладаа Џени Перет и Мартин Риос за трофејот, додека Русинката Анастасија Бризгалова и нејзиниот сопруг Александер Хручелницкиј ги победија Норвежаните Кристин Скалиен и Магнус Недреготен со 8:4 за бронзениот медал.

Медалите за Хручелницкиј и Бризгалова, која стана атракција во Кореја поради нејзиниот изглед, нема да се бројат на Русија, туку на официјалниот ОАР тим (Олимписки спортисти од Русија).

Лоувс претходно освои злато со Канада во женското натпреварување во Сочи во 2014, додека Морис беше дел од тимот кој освои злато на домашната Олимпијада во Ванкувер во 2010.

Одеднаш сите сакаат карлинг! Запознајте ја Анастасија Бризгалова (галерија)

Германската „кралица“ на санкањето, Натали Гајзенбергер ја одбрани олимписката титула, продолжувајќи ја доминацијата на германското санкање во последните 20 години.

30-годишната полицајка стигна до третото злато во кариерата со две фантастични возења во Пјонгчанг, победувајќи ја својата сонародничка Дајана Ајтбергер, додека Канаѓанката Алекс Гоуг беше бронзена.

Со златото се вратија насмевките во германскиот санкачки тим, откако Феликс Лох доминираше во три возења, за да направи голема грешка во четвртото и да го загуби златото.

Scroll to Top