Top Sport

Честитки од противникот: Вардар покажа зошто е европски шампион

Вардар одигра перфектен натпревар против германскиот шампион Рајн Некар, забележа убедлива победа 30:26 и се зацврсти на челната позиција во А групата.

Темпото кое го наметна европскиот првак Рај Некар не можеше да го следи, поради што победата во ниту еден момент не му беше загрозена.

„Задоволен сум бидејќи го победивме шампионото на најсилната лига во светот. Рајн Некар е најдобриот тим во светот за тактиката седум на шест, но ние бевме добро подготвени. Напаѓачки мислам дека ова беше нашиот најдобар натпревар, подобар и оној дуел со Барселона“, рече по мечот тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Среќен и задоволен од триумфот беше и Игор Карачиќ, кој во ситуација кога Циндриќ не играше поради повреда, одлично ја градеше играта на европскиот првак. Хрватскиот репрезентативец рече дека „тимот ги исполнил задачите на тренерот од А до Ш“.

На спротивната страна молк и разочарување по поразот, но и признание дека Вардар во моментов игра најдобро во Европа.

„Разочаран сум, особено од играта во одбраната. Многу работи пробавме, менувамем во играта, но денес ништо не функционираше. Ние уште во првиот дел имавме минус седум, а од таков минус тешко е да се вратиш. Игравме против најдобриот тим во Европа. Победата на Вардар е заслужена“, истакна тренерот на Рајн Некар, Николај Јакобсен.

Македонскиот репрезентативец Филип Талески, со овации беше пречекан од публиката, на теренот водеше голема борба, најмногу со репрезентативниот колега Стоилов, но во нападот не успеа да постигне гол.

„Вардар покажа зошто е европски шампион, одигра квалитетен натпревар. Не чека реваншот во Германија, мислам дека дома ќе имаме поинаков пристап“, рече Талески.

Вардар ќе му гостува на Рајн Некар на 26.ноември.

Scroll to Top