Top Sport

Хуманитарното СЕХА дерби повторно за Вардар

Вардар го совлада својот најголем ривал Металург со 31:24 (12:14) за да ја продолжи победничката низа во регионалната СЕХА Газпром лига и да се врати од негативата од два гола која ја имаше по првите половина час.

Ова е 16-та победа во низа во СЕХА лигата за актуелниот шампион од регионалното натпреварување, но и од Лигата на шампионите, иако „потфрлија“ со просекот на голови – постигнаа 31, додека имаат просек од 33 по натпревар.

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ пред сè имаше хуманитарен карактер, сите средства од продадените билети беа наменети за 16-годишниот Борче Јовановски, момчето кое страда од ретка генетска болест и мора да замине на лекување во странство.

Тимот од Автокоманда имаше одличен старт на мечот, откако по 17 минути игра имаа предност од три гола 6:9, за водството да се зголеми на 9:13 на седум минути пред крајот на полувремето, за Вардар сепак да намали на 12:14.

Второто полувреме целосно им припадна на „црвено-црните“, кои во фуриозна игра ја анулираа предноста на Металург и поведоа со 19:17 по 42 минути игра.  По ова разликата само се зголемуваше до највисоките 27:20, за на крајот резултатот да гласи 31:24.

Тимур Дибиров доминираше со 10 гола кај Вардар, седум додаде Вуко Борозан, додека пет имаше Данил Шишкарев. Кај Металург, Александар Гуглета даде пет гола, додека по четири имаа Халил Јагањац и Жарко Пешевски.

Фото: РК Вардар

Scroll to Top