Top Sport

Јагањац: За шест месеци од Червар научив колку што се учи за цела кариера

Младата ракометна ѕвезда на Хрватска и Металург, 19-годишниот Халил Јагањац, во интервју за порталот „24sata.hr“, меѓудругото открива дека во Македонија дошол само поради тренерот Лино Червар.

„Не можам да најдам зборови со кои можам да го опишам. Во Металург дојдов поради него, ме повика и во репрезентацијата…Од него за пола година научив повеќе него што од други тренери ќе научиш за цела кариера“, рекол Јагањац.

Јагањац во Металург дојде од ПСЖ, каде што во академијата на овој клуб мина една година.

„Ми пријде и ми кажа дека за мене е најдобро да дојдам кај него во Металург, да играм во Лигата на шампионите и СЕХА лигата…И се заврши на најдобар можен начин. Се афирмирав во овие натпреварувања, мислам дека не можев да пронајдам подобар пат за мојата кариера“.

За себе вели дека е голем работник, дури дека некогаш и претерува со тренинзите.

„Во Скопје седоб стан веднаш до салата. Во Металург сите се како едно големо семејство, а салата функционира како спортски дом за сите возрасни категории. Од домарот добив клуч од салата за да можам да влезам кога ќе посакам, кога ќе почувствувам дека ми е потребен тренинг. Тој човек е таму речиси 24 часа, но знам да го изненадам. Кога ќе дојде претпладне и ќе помисли дека некој провалил во салата…А кога ќе влезе внатре и ќе ме види мене како тренирам само ќе ми каже ’ти не си нормален човек’ и ќе замине по своја работа“, вели Јагањац.

Ова 19-годишно момче беше дел од репрезентацијата на Хрватска на неодамнешното Европско првенство, а доби шанса да настапи на натпреварот против Чешка по кој Хрватска го освои петтото место.

Scroll to Top