Top Sport

Вардар шампионски против Блауграна

Вардар покажа дека нема лесно да се откаже од европската титула, откако во одличен меч во СЦ „Јане Сандански“ успеа со 27:24 (16:12) првпат во историјата на домашен терен да ја совлада моќната Барселона. Пред мотивирана публика, „црвено-црните“ го надиграа противникот, водејќи од стартот до финишот на мечот, по што се искачија на првото место во групата А од Лигата на шампионите.

Европскиот шампион ја покажа својата моќ против најсериозниот противник во овој дел од сезоната и воедно на шпанскиот првак му се реваншира за поразот на неофицијалното светско првенство „Супер Глоуб“.

Одбраната и Штербик го добија натпреварот, во кој Барселона прва успеа да се „одлепи“ на два гола. Следуваше серија на Вардар и водство 6:4. Од тој момент Вардар започна да доминира на теренот, иако Барселона израмни на 6:6, на што „црвено-црните“ одговорија со нова серија од пет гола за 11:6.

На полувреме европскиот првак водеше 16:12, а работите не се сменија ниту во вториот дел. Импресионираше начинот на кој Вардар против така квалитетен противник ја одржуваше разликата помеѓу четири и седум голови, дури и во моментите кога гостинскиот тренер Пасквал се обидуваше да ја стигне негативата со седуммина во нападот.

Раул Гонзалес најголем дел од натпреварот одигра со речиси иста постава во нападот, а во одбраната покрај стандарниот Абутовиќ влегуваа Канељас и Марсениќ.

Во 42.минута во обиде да го блокира ударот на Жалуз се повреди вардаровиот пикер Мораеш кој по укажаната лекарска помош повеќе не се врати на теренот.

Вуко Борозан беше најефикасен кај македонскиот тим со шест погодоци, а посебно мотивиран беше и Шпанецот Хорхе Македа, кој пет пати го најде патот до мрежата во мечот со неговиот поранешен тим. Арпад Штербик беше стандардно солиден на голот, завршувајќи го мечот со 14 одбрани. Барселона ја предводеа најефикасниот играч на мечот Ривера со осум и Ентрериос со пет погодоци.

Во Лигата на шампионите сега следува пауза поради неделата на ЕХФ, а потоа Вардар два пати ќе гостува на 4 ноември во Малме кај Кристијанштад и на 11 ноември кај Загреб. Наредниот меч ма домашен терен Вардар ќе го одигра на 18 ноември кога ќе го пречека Рајн Некар.

ВАРДАР – БАРСЕЛОНА 27:24 (16:12)

Scroll to Top