Top Sport

Вори: Србите сакаат да не залажат со петте порази

Најискусниот ракометар во хрватската репрезентација, Игор Вори вели дека домаќините на Европското првенство не смеат да ја потценат Србија во првиот меч од шампионатот, и покрај тоа што Србите во пет подготвителни натпревари загубија пет пати (еднаш и од Македонија во Белград).

„Тие пет порази се фрлање магла на ситуацијата, тие ги кријат своите адути, а многу се квалитетни. Притисокот дефинитивно е на наша страна, бидејќи тие немаат што да загубат, бидејќи сите ги сметаат за најслаб тим во нашата група. Не би требало да имаме проблеми, но ако ги потцениме… Тешко е да бидеш опуштен пред 12 илјади наши навивачи, но ова е само прв натпревар, тука е Исланд, па Шведска“, вели 37-годишниот ракометар на ППД Загреб.

Ракометарот на Вардар, Лука Циндриќ, кој неодамна беше прогласен за најдобар хрватски ракометар, знае дека од него се очекува многу.

„Секако, свесен сум на одговорноста. Ќе биде тешко бидејќи првенството е многу израмнето, а ние имаме одреден притисок. Едвај го чекам мечот со Србите, и ќе треба добро да се испотиме да ги добиеме. Не очекувајте да ги решиме за 10 минути“, објаснува Циндриќ.

Натпреварот Хрватска-Србија е на програмата в петок во 20.30 часот, додека првенството се отвара со натпреварот Исланд-Шведска во 18.15 часот.

Scroll to Top