Top Sport

Французите до сабајле славеле во претседателската палата (Фото+Видео)

Француските фудбалери до раните утрински часови, во претседателската палата ја славеле светската титула, освоена во неделното финале во Москва.

Претходно, светските шампиони, од аеродромот „Шарл Де Гол“, со панорамски автобус поминаа по авенијата Шанзелизе, а на Елизејските полиња биле пречекани од еден милион фанови.

foto: epa
foto: epa

Влегувајќи со златниот пехар, во претседателската палата, капитенот Иго Љорис и селекторот Дидие Дешам го поздравиле претседателот Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит.

foto: epa

„Благодарм што го донесовте овој пехар. Ви благодарам што сите нас не направивте да бидеме толку горди, што вложивте толку труд. Бевте единствени. Благодарност до вашите семејства кои се тука, благодарност до тренерите“, рекол во своето обраќање францускиот претседател, испраќајки им порака на фудбалерите „да никогаш да не заборават од каде доаѓаат“.

foto: epa

Пред палатата свое обраќање имал и Пол Погба, кој дури и отпеал и неколку песни. Потоа микрофонот го зел Бенжаман Менди. Играчите меѓу другите ја испеале и песната на Глорија Гејнор „I will survive“.

foto: epa

Со звуците на Марсељезата, играчите на Франција, облечени во сини костуми и бели кошули, им потпишувале автограми на децата од фудбалските школи кои создаваат светски шампиони, каков што е клубот „Бонди“, каде започнал да тренира Килијан Мбапе.

Инаку, на свечениот прием биле поканети околу 3.000 гости, а Фудбалската федерација на Франција, на својот профил на „Твитер“ објави дека фудбалерите ноќта ќе ја минат во претседателската палата.

Франција титулата ја освои со победата над Хрватска во големото финале 4:2 (2:1).

Scroll to Top