Top Sport

Емотивно писмо на Синиша Михајловиќ

Српскиот тренер, Синиша Михајловиќ, решил да им се заблагодари на сите што му пружија поддршка откако беше објавено дека тој се бори со акутна леукемија.

Михајловиќ зад себе има исклучително успешна кариера како играч и тренер, во моментов е тренер на Болоња, која минатата сезона ја спаси од испаѓање.

Веста за неговата болест ја потресе фудбалската јавност, поради што доби голем број на пораки во кои луѓето му пружаат поддршка, а тој со отворено писмо во „Газета дело Спорт“ реши да им се заблагодари.

„Постојат моменти во животот кога ќе се најдеш во ситуација кога се бориш со силен противник кој ќе ти постави преголем предизвик. Јас во моментов се наоѓам во таква ситуација, но бидејќи знам дека не сум сам се чувствувам среќно. Дознав дека имам огромна поддршка. Во изминатите денови добив голем број на пораки, таа позитивна енергија ќе ми користи да ја победам леукемијата. Примив преку илјада пораки и ве уверувам дека сите ги прочитав. Една по една. Секоја од нив ми го допре срцето. Овој период за мене е многу тежок и поради тоа се извинувам доколку на некого не му одговорив. Сега го правам тоа преку ‘Газета дело Спорт“. Благодарност до сите претседатели на тимовите во кои сум играч или сум бил тренер. Им благодарам на моите поранешни соиграчи, противници, на играчите што сум ги тренирал и на оние на кои никогаш не сум им бил тренер и кои слушнав ‘Форца Мистер’. Им благодарам и на навивачите на тимовите против кои сум играл и кои во минатото ме исвиркувале и навредувале, а сега добивам пораки: ‘Синиша немој да се откажуваш’. Им благодарам на сите не само во фудбалскиот свет, туку и на оние од политиката, естрадата, економијата, на сите кои ми се блиски“, напишал Михајловиќ.

Scroll to Top