Top Sport

„Имав и други понуди, но Јувентус не се одбива“

Арон Рамзи уште пред неколку месеци го договори трансферот во Јувентус, а дури денес на јавноста и беше претставен како нов играч на најтрофејниот италијански клуб. Велшанецот во Јувентус дојде како слободен играч откако му истече договорот со Арсенал.

„Имав и други понуди, но кога разбрав дека ме бара Јувентус, не постоеше опција да ја одбијам понудата. Тоа е голем клуб, еден од најголемите во светот. Секако дека ова е голем предизвик за мене, различна земја, различна култура, ќе ми биде потребно малку време да се навикнам, но верувам дека ќе бидам успешен. Сакам да бидам дел од тимот кој ќе пишува нови страници во историјата на Јувентус“, рекол Рамзи.

Велшанецот во Јувентус ќе го носи бројот 8, кој лани беше слободен, а претходно со голем успех го носеше Клаудио Маркизио. На новинарско прашање како може да ја унапреди играта на Јувентус 28 годишниот фудбалер рекол:

„ Сакам во секој момент да имам влијание во играта, преку асистенциите, со голови…Во фудбалот најважни се победите, а моја цел е да му помогнам на тимот да победува.“

Во Јувентус Рамзи ќе соработува со Маурицио Сари кого го познава од Премиер лигата. Сари минатата сезона го предводеше Челси.

„Видов како стил на игра сака. Сари сака неговиот тим да игра фудбал, а таа филозофија мене ми одговара. Верувам дека бргу ќе се прилагодам. Можам да играм на сите позиции во средниот ред, но најдобро се чувствувам кога сум ‘бокс-ту-бокс’, кога можам да учествувам и во одбраната и во нападот“, заклучил Рамзи.

Велшанецот е шестото засилување за Јувентус ова лето, претходно во клубот пристигнаа Адријен Рабио, Мерих Демирел, Лука Пелегрини, Кристијан Ромеро (кој веднаш е испратен на позајмица во Џенова) и Џанлуиџи Буфон.

Scroll to Top