Top Sport

Неверојатно! Модриќ пред 28 години чувал кози на планина! (видео)

Во хрватските медиуми се појави неверојатна снимка на која е „фатен“ Лука Модриќ, „моторот“ на хрватската репрезентација и на Реал Мадрид, како на пет години „тера“ кози на планината Велебит.

Павле Баленовиќ, поранешниот член на музичкиот бенд Плава трава заборава, снимал документарен филм за волците на Велебит, кога „фатил“ кадар кој стана апсолутен хит. На падините на Велебит во близината на Задар го забележал петгодишниот Модриќ во преголема јакна како чува кози.

Откако еден коментатор на Јутјуб со чудење се запраша дали се работи за Модриќ, Баленовиќ кратко одговори: „Да, тоа е тој“. Според „Тпортал“, Баленовиќ пред речиси три децении нашол мал волк и решил да го пушти на планината Велебит, нешто што е документирано и во филм на „Би-би-си“, „Човек-волк, дневникот на Павле Баленовиќ“. Баленовиќ објаснува во коментарот.

„Од детството ме воодушевуваше природата и животните, посебно волковите. Кога почнав да патувам запознав луѓе. Семејството Модриќ беа пристојни и добри луѓе. Ги посетував кога одев да ги снимам животните и животот во планините. Така го снимав пријателот и неговиот син како ги чува козите. Наскоро, во 1990 година, војната го уништи нивниот дом и веќе не ги видов. Си заминаа како многу луѓе од тој крај. И тогаш пред неколку години добив информации кој е тоа мало дете кое помагаше. Овие снимки тој не ги виде, бидејќи сега првпат се објавуваат“, вели Баленовиќ.

Малиот Лука се гледа на снимката околу 2:30 од видеото.

Scroll to Top