Фудбалскиот сојуз на Шпанија, претпладнево, му врачи отказ на селекторот Хулен Лопетеги, откако тој ден претходно ја прифати понудата на Реал, по завршувањето на Светското првенство да го наследи Зинедин Зидан.

„Бевме приморани да повлечеме ваков потег. Моравме да ја прекинеме соработката со Лопетеги. Тој беше одличен селектор, но ние не можеме да дозволиме вакво однесување. Се што е направено е направено без наше знаење. Не чувствувам дека су предаден, но вака мора да биде“, изјавил првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Луис Рубиалес.

Неколку часа подоцна Сојузот објави дека Шпанија на Светското првенство во Русија ќе ја предводи поранешната играчка легенда на Реал, Фернандо Јеро. Долгогодишниот репрезентативец беше спортски директор на репрезентацијата.

Јеро речиси и да нема тренерско искуство, тој една сезона (2016/2017) го тренирал Овиедо.

Во кариерата за Шпанија, Јеро, одиграл 89 натпревари и постигнал 29 гола.

Шпанија првиот натпревар на СП ќе го одигра в петок против Португалија. Натпреварот во Сочи ќе започне во 20 часот.

Шпанците го отпуштија Лопетеги, Рамос му го чува грбот