Top Sport

„Коцкестите“ ја понижија Аргентина и Меси! (видео)

Хрватска со 3:0 ја понижи Аргентина за да се пласира во осминафиналето на Светското првенство и во исто време да ги стави шансите на Лео Меси и на Аргентина за пласман на чиста теорија.

Аргентина се надеваше дека ќе може да се крене по разочарувачкото 1:1 реми со Исланд, меѓутоа покажа лоша и неконцентрирана игра, посебно во одбраната, а Меси имаше посебно слабо прво полувреме во кое беше непрепознатлив на теренот.

Од друга страна, Хрватска има две победи од два меча за да биде блиску до осминафиналето со една од најголемите победи во историјата на „коцкестите“. Утре во вториот меч од второто коло во групата, Исланд ја пречекува Нигерија и од овој резултат ќе зависи дали Аргентина ќе има шанси за пласман.

Иван Перишиќ во петтата минута истрча напред, но неговиот шут беше одбранет од Кабалјеро во првата шанса на натпреварот.

Во 12. минута, Аргентина пропушти голема шанса, откако Меси изби напред, а Домагој Вида имаше лоша реакција во одбраната. Само минута подоцна Меза добива одлична топка во шестнаесетникот на Хрватска, но неговиот силен удар Ловрен го исфрлува во корнер. Аргентина може да биде опасна, нешто што не го покажаа во мечот со Исланд.

Во 20-тата минута, пречка за Аргентина откако Акуња се обиде да нафрли.  Во 29. минута Хрватите имаа многу среќа, откако по мизерна реакција на нивната одбрана, Енцо Перез не успеа да погоди од стоотстотна шанса. Во 46. минута, Ребиќ избива сам пред голот, но пропушта фантастична шанса.

По првото полувреме со многу грешки и слаба завршница на напаѓачите така почна и второто. Во 50. минута, Перишиќ уфрли опасна топка, меѓутоа аргентинската одбрана имаше ретка добра интервенција. На другата страна, Агуеро се обиде од тешка позиција, но Субашиќ беше сигурен.

Во 53. минута, Хрватска стигна до неверојатно водство преку Анте Ребиќ, но вистински виновник беше Вили Кабалјеро, кој ужасно ја исфрли топката, директно на волејот на напаѓачот на Ајнтрахт, кој не греши и носи водство за Хрватска.

Аргентина очајно тргна во напад, а во 63. минута вистински тест за хрватскиот голман, откако Меза шутираше од пет метри.

Во 81. минута, сите надежи на Аргентина за пресврт паднаа во вода, откако Лука Модриќ неочекувано беше оставен да се смири и да шутира од дваесетина метри и да го совлада Кабалјеро.

Во 85. минута, Хрватска можеше да стигне до 3:0 водство, откако слободниот удар на Ракитиќ заврши на местото каде што спојуваат дирекот и пречката! Ракитиќ во финишот на мечот става точка на натпреварот со уште еден гол за крај на мизеријата на Аргентина.

Фото: ЕПА

Scroll to Top