Top Sport

ТдФ: Алафилип ја грабна жолатата маичка по соло победата во Еперне

Французинот Жулиен Алафилип нападна на ридестата етапа во Марн, за да стигне до соло победа на третата етапа на Тур де Франс и да ја облече лидерската жолта маичка.

Алафилип (Десеунинк-Квик степ) се одвои од главната група на последното од четирите искачувања за да го помине Белгиецот Тим Веленс на 16 километри пред крајот на етапата, за потоа сам да стигне до финишот. Тој заврши 26 секунди пред главната група, за да ја преземе жолтата маичка од Холанѓанецот Мајк Тојнисен, кој потфрли на низата мали искачувања пред финишот.

27-годишниот Алафилип, кој лани победи на две етапи на Тур де Франс и ја освои маичката со црвени точки како најдобар на планинските етапи беше пресреќен од победата.

„Немам зборови. Знаев дека етапата ми одговара и затоа решив да забрзам на искачувањето Митуњи, но не знаев дека ќе бидам сам. Дадов сè од себе и кога слушнав дека имам 30 секунди предност, знаев дека можам до победа“, изјави Алафилип.

Австралиецот Мајкл Метјуз (Санвеб) го победи Белгиецот Јаспер Стајвен (Трек-Сегафредо) за второто место, а во топ 5 беа и Белгиецот Грег ван Авермет (ЦЦЦ) и Словакот Петер Саган (Бора-Хансгрое).

Алафилип има предност од 20 секунди пред Вут ван Ерт (Џамбо-Висма) во генерален пласман и 25 секунди пред Стевен Крајсвајк и Џорџ Бенет.

Scroll to Top