Што ќе направите ако по победа од 5:0 на старт на едно СП добиете повик од вашиот претседател? Рускиот селектор Станислав Черчесов не се двоумеше и во сред прес-конференција стана за да добие повик од Владимир Путин.

Селекцијата на Черчесов и покрај сите критики имаше добар старт на Мундијалот, победувајќи ги Саудиска Арабија со 5:0, најмногу благодарение на одличната игра на Денис Черишев. Кога двајцата беа на прес-конференцијата, Черчесов доби повик и стана од масата.

„Тоа беше нашиот претседател. Побара да ја споделам благодарноста со тимот за перформансите кои ги покажаа и побара од мене да продолжиме да играме вака“, изјави Черчесов.

За Русија ова беше прва победа по седум меча, и селекторот ги отфрли тврдењата дека тие намерно не ја покажувале вистинската сила во подготвителните натпревари.

„Да се залажат толку луѓе е тешко, дури за такви мајстори какви што се моите играчи. Не лажевме никого, ја вршевме нашата работа и имавме план. Да не се занесуваме. Има уште мечеви пред нас“, додаде рускиот селектор.

Фото: ЕПА