Top Sport

Кутињо излезе од сенката на „плачкото“ Нејмар

Филипе Кутињо повторно беше „спасител“ на Бразил на Мундијалот во Русија, откако го постигна првиот гол во 2:0 победата над Костарика, со која „селесао“ се врати на вистински пат кон осминафиналето.

Нејмар постигна гол во 96. минута, но Кутињо беше човекот на одлука, кој успеа да ја „скрши“ одбраната на Костарика, додека неговиот пославен сонародник повторно имаше меч за заборав – со многу пропуштени шанси, глума за пенал (за што доби жолт картон) и на крајот солзи по крајот на мечот.

Ова беше втор гол на ѕвездата на Барселона во Русија по фантастичниот гол против Швајцарија и Кутињо покажа дека знае да игра со доверба и со класа кога тоа е најпотребно.

Иако постоеја коментари дека Ливерпул сега е посилен тим без Кутињо, по двата натпревари на Бразил во Русија станува јасно дека секој силен европски тим би сакал во своите редови да има таков фудбалер.

Ако Нејмар на својот грб ги имаше сите очекувања на бразилската нација (а тие секогаш се големи на Мундијалите), тој има голема среќа што покрај себе го има Кутињо да му помогне кога е најтешко.

Фото: ЕПА

Scroll to Top