Top Sport

Мијатовиќ: Модриќ е најдобриот фудбалер во историјата на Балканот

Предраг Мијатовиќ, легендата на Реал Мадрид и на фудбалот на поранешна Југославија, во интервју за хрватскиот „Индекс“ вели дека „круната“ на најдобар фудбалер во историјата на Балканот може да ја понесе само Лука Модриќ.

Мијатовиќ, кој останува во срцето на навивачите на Реал како човекот кој во 1998 година го постигна победничкиот гол против Јувентус во финалето на Лигата на шампионите, вели дека сегашната ѕвезда на Реал, Модриќ е пред сите.

„За цел свет ова што го прави Хрватска на СП е неверојатно, но мене не ме изненадува, бидејќи имам привилегија да ги имам информациите од прва рака. Секојдневно сум во контакт со Лука и знам низ што поминува. Хрватска има фудбалери за финале, фудбалери кои се носители на играта во големите клубови во Шпанија, Англија, Германија и Италија.  Лука го чувствува притисокот од резултатот од 1998 година. Тој човек заслужува многу со своите игри во Реал и во репрезентацијата, но и со карактерот и добрината. Не знам дали е подобар како фудбалер или како човек. На првенството покажа дека е најдобриот играч за врска на планетата во моментов. Нема да биде погрешно да се дојде до заклучок дека во историјата на вашата држава, нашата држава и целиот Балкан, Лука Модриќ е најдобриот фудбалер од овие простори“, вели Мијатовиќ.

Не можеше да се заобиколи и прашањето за Кристијано Роналдо, кој по девет години замина од Реал за да потпише со Јувентус.

„Лично, повеќе би сакал Роналдо да останеше во Реал, но тоа беше негова одлука. Заврши една етапа за него и за нас и ќе ни недостасува, но тоа е негов избор. Кој ќе дојде на негово место? Не сум сигурен. Тешко е да се најде фудбалер како Роналдо“, додава Мијатовиќ.

Scroll to Top