Top Sport

Муса ги „реши“ Исланѓаните и им даде надеж на Аргентинците (видео)

Нигерија со 2:0 го совлада Исланд благодарение на фантастичниот Ахмед Муса за целосно да ја искомпликуваат ситуацијата во групата Д, и да им дадат надеж на Аргентинците дека е можно и покрај катастрофата од Хрватска да се пласираат во осминафиналето.

Со овој резултат, по две кола во групата Д, Хрватска е сигурно на првото место со 6 поени, Нигерија е втора со 3 поени, додека Исланд и Аргентина имаат по еден поен. Тоа значи дека во последното коло, Аргентина и Нигерија директно ќе решаваат за вториот патник во осминафиналето, но „гаучосите“ ќе одат понатаму само ако победат, а Исланд не ја совлада Хрватска.

Мечот во Волгоград не изобилуваше со шанси и добра игра во првото полувреме. Исланд почна посигурно, откако прво во третата минута се заканија преку слободниот удар на Сигурдсон (кој го одбрани Узохо), а потоа и во седмата минута, кога истиот фудбалер беше сам пред голманот, но шутираше слабо.

Ахмед Муса прв се закани кон голот на Исланд во 15. минута, но и во 19. минута со проигрувањето со Мозес. Нигерија имаше поголем посед на топката во вториот дел од полувремето, но повторно најдобрата шанса ја имаше Исланд – Финбогасон со глава шутираше блиску до голот во 45. минута.

Во второто полувреме, „супер орлите“ конечно се разбудија. По одличното проигрување од Виктор Мозес, Ахмед Муса направи одличен потег во петерецот на Исланд и постигнува одличен гол.

Нигерија имаше уште две убави шанси преку Мозес и Балогун во 65., односно 71. минута, пред напаѓачот на Лестер, Муса да го постигне својот втор гол по одличниот продор по левата страна за да ги матира Исланѓаните.

Сите надежи за кам-бек на најмлата нација која се квалификувала на едно Светско првенство завршија во 82. минута, кога беше досуден пенал (повторно по консултација со ВАР) за очигледен фаул вo шестнаесетникот. Играчот на Евертон, Гилфи Сигурдсон имаше шанса да намали на 1:2, меѓутоа неговиот удар заврши над голот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top