Француската репрезентација ќе мора да почека барем уште половина час пред да го дознае противникот во финалето на Светското првенство во Русија, откако Англија и Хрватска одиграа 1:1 во регуларните 90 минути од мечот во Москва.

Англија беше подготвена да слави големо финале со лутите ривали од Франција откако дојде во водство преку фантастичниот гол од слободен удар на Киеран Трипиер уште во 5. минута од мечот, но упорните „коцкести“ успеаја да се вратат во игра преку досега незабележителниот на турнирот, Иван Перишиќ во 68. минута, кога одличната топка од Врсаљко ја смести во голот на Џордан Пикфорд.

За Хрватска ова ќе биде неверојатен трет меч во низа во нокаут фазата кој ќе се решава во продолженија – прво ја елиминираа Данска, а потоа и Русија на пенали. И Англичаните имаат „искуство“ со пенал-серијата, откако во осминафиналето првпат на еден Мундијал добија меч на ваков начин, совладувајќи ја Колумбија.

Тимот на Герет Саутгејт изгледаше сигурно во првото полувреме, елиминирајќи ги речиси сите шанси на Хрватите по раното водство, меѓутоа мечот се „сврте“ по голот на Перишиќ, кој веднаш по голот го погоди и дирекот, по што Хрватска имаше повеќе од играта.

Фото: ЕПА