Top Sport

Сите мундијалски маскоти на едно место – од Вили до Забивака

Светското првенство во фудбал доживеа вистински бум во комерцијализацијата во втората половина на минатиот век, кога не беше важно само да се игра фудбал, туку и да се продадат повеќе сувенири, маички…

Англичаните во 1966 година воведоа една новина на Светските првенства, избирајќи ја првата маскота на шампионатот. Се работеше за лав, животното кое трипати се појавува на грбот на Англија, со име „World Cup Willie”, или Вили – обичен лав во фудбалски дрес и со топка.

По ова следуваше мексиканското момче Хуанито во Мексико во 1970 година, необичните соиграчи Тип и Тап во Германија во 1974 година и сосема аргентинскиот Гаучито Мундијалито во Аргентина во 1978 година.

Шпанија во 1982 година се реши маскотата да биде портокал или „Наранхито“, додека Мексико во 1986 година се реши за зелено пиперче (чили) со име Пике.

Една од најбизарните маскоти секако беше италијанската Чао во 1990 година, додека првиот Мундијал во САД во 1994 година беше одбележан со кучето со типично американско име „Страјкер“ (инаку на англиски јазик тоа значи и напаѓач).

Французите во 1998 година не можеа без галскиот петел „Футикс“, додека Јапонија и Јужна Кореја се решија на дури три маскоти, со бизарен изглед и со уште почудни имиња – Ато, Каз и Ник.

Германците не се покажаа во 2006 година, кога решија да имаат две маскоти – Голео Шести (лав) и Пиле (топка која зборува). Првиот африкански Мундијал во Јужна Африка го донесе на сцена леопардот Закуми, додека Бразил на минатото СП се реши за армадило со име Фулеко.

На крајот, Русија оваа година се реши за волкот со очила со име Забивака, игра на зборови со рускиот забијака, што значи голгетер.

Scroll to Top