Мото ГП шампионатот ќе скрати седум од 19-те трки оваа година за да „помогне“ на носителите на ТВ-правата, објавија организаторите „Дорна“.

Додека во Формула 1 трките траат и до три часа, Мото ГП трките се релативно кратки (40-50 минути) и секогаш полни со акција. Сепак, „Дорна“ објави дека Валенсија ГП на крајот на сезоната ќе биде пократка за три кругови, додека Шпанското ГП во Херез ќе „загуби“ два круга. Американското ГП во Остин, Француското ГП, Каталонското ГП, Чешкото ГП и Сан Марино ГП ќе имаат еден круг помалку.

„Со ова обезбедуваме ситуација во која сите трки ќе бидат слични по должина на Светскиот шампионат, со што ТВ-мрежите кои ги пренесуваат трките ќе можат да имаат подобра структура“, се вели во соопштението на „Дорна“.