Британскиот гигант „Скај спортс“ ја задржува доминацијата во Премиер лигата, откако успешно откупи четири од седумте пакети во наддавањето (вкупно 128 меча), за кои ќе плати неверојатни 3.5 милијарди фунти, додека „БТ спортс“ успеа да добие 32 меча во саботните термини.

„Скај“ го добија пакетот на неделни мечеви, саботните вечерни мечеви, понеделничките мечеви и петочните мечеви, со што ќе имаат 128 меча во тригодишниот договор кој почнува во 2019 година.

На „продажба“ остануваат уште два пакети, за кои се верува дека се заинтересирани интернет-гигантите „Амазон“. Се работи за 40 меча, за празниците и за мечевите во средината на неделата.

„Скај“ плати фантастични 3.579 милијарди фунти за овие мечеви, додека „БТ“ плати 885 милиони фунти за својот. Кога ќе се поделат и „слободните“ пакети сигурно ќе се сруши сегашниот договор вреден 5.1 милијарди фунти.

„Пресреќни сме што ’БТ’ и ’Скај’ продолжуваат да гледаат добра инвестиција во Премиер лигата“, вели претседателот на Премиер лигата, Ричард Скадамор.

Овие рекордни суми значат дека тимовите од англиската Премиер лига уште долго ќе добиваат најмногу пари од ТВ-правата и ќе бидат меѓу најбогатите европски клубови.