Top Sport

Тренерот на Сампдорија збесна: Доста ми ги продавате најдобрите играчи

Тренерот на Сампдорија, Марко Џампаоло, откако неговиот тим прими девет гола во двата порази во низа, вели дека нема шанси да се „мрднат“ од средината на табелата во Серија А доколку клубот продолжи да ги продава најдобрите играчи.

Џампаоло го предводеше клубот од Џенова до 10. место во Серија А во првата сезона на чело на клубот, и по добриот старт на новата сезона, беа на шестото место, пред да паднат на осмото по 4:1 поразите од Кротоне и 0:5 на домашен терен од Интер.

„Доаѓа момент кога мора да направите скок во квалитетот. Морате од адолесцент да станете маж, инаку не сте направиле ништо. Нема равенка со која ги продавате најдобрите играчи и станувате подобри на табелата. Такво нешто е невозможно. Тим кој има 40 поени и ги продава најдобрите играчи, следната година ќе добие 48 поени и ќе ги продаде најдобрите играчи… Колку треба следната сезона? 70?“, изјави лутиот Џампаоло.

На крајот на минатата сезона, Самп ги продаде дефанзивецот Милан Шкринијар (Интер), напаѓачот Луис Муриел (Севилја), и го позајми Патрик Шик на Рома. Капитенот на Интер, Мауро Икарди, кој им даде четири гола во неделата, е еден од поранешните играчи на Сампдорија.

Самп имаше „златен период“ на крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, кога со играчи како Роберто Манчини и Џанлука Виали ја освоија единствената титула од Серија А и европскиот Куп на куп победници, а во 1992 година играа во финалето на Европскиот куп.

По ова следуваше драстичен пад, откако тимот помина четири години во Серија Б, пред да се вратат во Серија А во 2003 година, но нема враќање на славните денови.

Претседателот на клубот, Масимо Фереро и покрај предупредувањата на Џампаоло директно призна дека размислува за нови трансфери.

„Дали жалам за продажбата на Шкринијар за добра цена? Не жалам за ништо. Сега многу тимови го сакаат Лукас Тореира, така што може да замине. Кога дојде кај нас никој не го знаеше. Исто така сите прашуваат за Денис Прет и Карол Линети“, изјави Фереро.

Scroll to Top