Top Sport

ЗОИ Пјонгчанг: Солидно издание на Тодоровска, златото за Хага

Норвежанката Рагнхилд Хага го освои златниот медал во крос-кантри трката на 10 километри на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг. На оваа трка настапи и македонската репрезентативка Викторија Тодоровска која го освои 85. место.

Викторија Тодоровска го имаше својот прв настап на нордиската патека во Пјонгчанг. На 10 километарската патека во крос-кантри, македонската репрезентативка во конкуренција на 90 натпреварувачки го освои 85.место.

Тодоровска на целта пристигна со време 32:57.6 минути, а зад неа останаа репрезентативките на Турција, Аргентина, Црна Гора, Северна Кореја и Чиле. Нејзиниот резултат беше за 7.57.1 минути послаб од оној на Норвежанката Хага која го освои златниот медал.

Хага приреди големо изненадување бидејќи оваа сезона само еднаш победи во натпреварите од Светскиот куп. Таа оставри време 25:00.5 минути и за 20,3 секунди беше побрза од Швеѓанката Шарлот Кала.

Третото место го поделија Марит Бјерген од Норвешка и Криста Парамакоски од Финска кои имаа послабо време од победничката за 31,9 секунди.

Легендарната Бјерген го освои 12. олимписки медал се израмни на вечната листа со сонародникот Бјерн Дејли, а има еден медал помалку од Бјерндален.

Scroll to Top