Ирене Вуст го освои рекордниот 10-ти медал во брзо лизгање, откако донесе трета победа во три дисциплини за лизгачите од Холандија на ЗОИ во Пјонгчанг.

Вуст, која е првата холандска спортистка со 5 олимписки злата, ја совлада јапонската ривалка Михо Такаги, додека бронзата отиде кај уште една Холанѓанка, Марит Ленстра.

Златото за 31-годишната Вуст доаѓа по лошиот пораз на 3.000 метри за само 0.08 секунди зад сонародничката Карлајн Ахтеректе, и со неа Вуст ја поминува Германката Клаудија Пехштајн како најуспешна во историјата на дисциплината.

Додека на мразот Холандија продолжи да доминира, Американците стигнаа до своето второ злато во Пјонгчанг и второ во сноубордот, откако Џејми Андерсон ги издржа опасните услови во „Феникс парк“.

Поради силниот ветер и температурите од -15 степени, од 50 возења на 25 спортисти, дури 41 завршија со пад на задник или на лице, а дел од натпреварувачките воопшто не се обидоа да ги направат опасните свртувања на силниот ветер.

Андерсон, која е вистинска ѕвезда на сноубордот имаше скромни 83 поени, но доволно за титула пред Канаѓанката Лори Блуин и Финката Ени Рукајарви.