ЖРК Вардар викендов во рамките на третото коло во Групата 2, во Лигата на шампионките, ќе го пречека тимот на Будуќност од Подгорица.

„Црвено-црните“ ракометарки против поранешниот двоен европски првак имаат намера да ја продолжат успешната серија и по дуелот да останат единствените кои сезонава во елитното натпреварување имаат максимален учинок.

„Будуќност сезонава нема победа на гостински терен. Салата во „Јане Сандански” ќе остане неосвоива тврдина за сите. Сакам да ја задржиме добрата атмосфера. Очекувам да одиграат грубо и агресивно. Сепак, се навикнавме на таква игра од Будуќност. Игравме против овој тим во регионалната лига, но последниот меч не е мерило за квалитетот. На тој дуел ниту ние ниту Будуќност не бевме комплетни, па затоа ова ќе биде сосема поинаков дуел. Воедно би сакала да одиграме натпревар пред полни трибини и да се чувствуваме исто како што беше случај во Германија против Битигхајм каде имавме огромна поддршка и каде се чувствувавме како дома“, рече на прес конференцијата капитенот на Вардар Јованка Радичевиќ.

Вардарки имаат серија од осум натпревари без пораз во ЛШ, сезонава имаат победи на трите соочувања со Будуќност.

„Ни претстои дуел против познат ривал. Будуќност е екипа која што е далеку помлада од претходните години. Сигурно нема да биде лесно. Се работи за тим во кој настапуваат ракометарки кои имаат одлични бекови со шут од далечина. Покрај тоа ова е тим во кој има и одлични голмани. Будуќност секогаш игра агресивна одбрана, но ние сме подготвени на сето ова. Едноставно мораме во текот на сите 60 минути да одиграме концентрирано и да бидеме на нивото од претходните дуели за да стигнеме до нови бодови“, рече Ирина Дибирова, тренерот на Вардар.

ЖРК Вардар и пред овој дуел обезбеди пласман во четвртфиналето, каде веројатно ќе игра и Будуќност, прашањето е само од која позиција ќе влезе меѓу најдобрите осум.

Дуелот во „јане Сандански“ на програмата е в сабота од 15 часот.