Малер може да биде средното име на напаѓачот на Баерн Минхен Кингсли Коман. Има 23 години, а неговата кариера ја уништуваат повредите. Најголем проблем има со десното стапало. Кон крајот на минатата година изјави дека доколку уште еднаш се повреди ќе замине в пензија.
„Не сакам и не можам да прифатам уште една операција, премногу е…Можеби на моето стапало не му е судено да биде фудбалско стапало. Доколку се покаже дека е тоа така ќе работам нешто друго во животот, што нема да има врска со фудбалот“, рекол тогаш Коман.
Вечера Коман повторно се повреди. Во мечот против Тотенхем, во рамките на Ауди купот. Се уште не е познато колку е повредата сериозна, но во Баерн стравуваат дека тој навистина би можел да се пензионира.
Позицијата на која игра Коман е дефицитарна во Баерн и оттука стравот дека тој би можел да ја заврши кариерата. Баерн по завршувањето на сезоната го напуштија Аријен Робен и Франк Рибери, а покрај Коман на крилните позиции го имаат уште само Серж Гнабри.
Коман кариерата ја започнал во Пари Сен Жермен, а настапувал и во Јувентус. Иако има само 23 години, веќе има освоено 17 трофеи во кариерата.