Рома ги започна преговорите со Манчестер јунајтед за да го донесат Чилеанецот Алексис Санчез на едногодишна позајмица, тврди британскиот „Телеграф“, но трансферот зависи од тоа дали англискиот клуб ќе плати барем половина од платата од 391.000 фунти неделно.
Санчез разочара со своите игри по доаѓањето од Арсенал во јануари 2018 година, а неизвесноста околу неговата иднина се зголеми откако Антони Марсијал го доби дресот со број 9 на „Олд Трафорд“.
Оле Гунар Солскјер изјави дека очекува Санчез да остане со клубот оваа сезона, и најави дека не очекува проблеми во нападот и покрај заминувањето на Ромелу Лукаку во Интер. Преодниот рок во Италија, Шпанија и Германија завршува на 2 септември.
„Алексис пристигна и тренираше добро. Секако, тој е четири-пет недели зад другите момци поради настапите на Копа Америка и мислам дека со заминувањето на Лукаку ќе добие своја шанса. Очекувам да остане, но може да има трансфер“, изјави Солскјер.