Голгетерот на Интер, Иван Перишиќ вели дека неговиот тренер Лучано Спалети бил клучниот човек за одлуката да се одбие понудата за трансфер во Манчестер јунајтед и да се остане кај „нероаѕурите“.
28-годишниот Хрват беше една од најголемите мети на Жозе Мурињо во текот на летниот преоден рок, но Интер подоцна потпиша продолжување на неговиот договор до 2022 година, и сега вели дека не жали за одлуката по 5:0 победата над Киево со која Интер се искачи на првото место во Серија А. Перишиќ има седум гола и шест асистенции во Серија А оваа сезона.
„Спалети ни кажа дека секој играч е важен и добивме доказ дека ако победуваме, дури и тие кои немаат многу игра имаат шанса да се покажат. Спалети беше клучен во убедувањето да останам“, вели Перишиќ.
Интер остануваат непоразени во Серија А и имаат еден поен пред Наполи, и два пред Јувентус, а следниот викенд патуваат во Торино за дуел против актуелните шампиони.
„Мораме да продолжиме вака, бидејќи долго време чекавме за ваков момент и сега мораме да победиме против Јувентус“, додава Перишиќ.
Хет-трик за Перишиќ за Интер да стане нов италијански лидер (видео)