Себастијан Фетел одговори кратко и јасно кога беше запрашан дали е можно следната година во борбата за титулата да се вклучи и Фернандо Алонсо во Мекларен.
Фетел ја заврши 2017 како второпласиран во генерален пласман зад четирикратниот шампион Луис Хамилтон по израмнета борба во првиот дел од сезоната, додека Алонсо беше далеку зад ривалите со слабиот болид на Мекларен-Хонда.
Меѓутоа, следната година, Мекларен ќе вози со мотори на Рено, и шпанскиот весник „АС“ беше заинтересиран дали возачот на Ферари, Фетел смета дека и Алонсо ќе се бори за титулата.
„Искрено? Воопшто не ми е грижа“, одговори Фетел.
Запрашан кое прашање го нервира најмногу во последно време, Фетел повторно беше искрен.
„Зошто не ја освоив титулата? Зошто повторно не станав светски шампион? Тоа наведува дека сум можел да направам нешто околу тоа. Истото прашање се повторува постојано и тоа знае да нервира“, додава Фетел.